Mобилните тимови на Царинска управа вчера, четврток 16 март, на царинска испостава Дојран, при контрола на товарно возило пријавено за транзит открија и запленија разновидна стока, меѓу која и лекови и икони, со вкупна проценета вредност од над 900.000 денари.
Поради основан сомнеж, возилото управувано од српски државјанин е упатено на детален преглед, при што освен пријавената било утврдено дека пренесува и непријавена стока, меѓу која: 269 пакувања со лекови, 107 икони, 98 парчиња метални крстови и кандила, како и 96 литри маслиново масло, 2.800 парчиња очила за сонце и друга разна стока.
Стоката е привремено одземена и предметот е предаден на Одделението за истраги за понатамошна постапка. Против лицето е поднесена кривична пријава за криумчарење по член 278 од Кривичниот законик.