Фирмата „Пчеларство Цветковиќ“ годинава полни 10 годишен јубилеј од почетокот на својата дејност, одгледување на пчели, производство на мед и производи од мед.
Годината на јубилејот за заокружија со 14 освоени награди на саемски натпреварувачки манифестации и фестивали на мед во регионот, во текот на 2026, од кои 11 ЗЛАТНИ медали, еден СРЕБРЕН медал и два ПЕХАРА за најдобар квалитет во силна меѓународна конкуренција.
Вредните одличја се освоени на следниве фестивали:
– ЗЛАТЕН Медал за ливадски мед од Кожуф планина, освоен во Зеница, БиХ;
– ДВА ЗЛАТНИ Медала за планински и ливадски мед – Тузла, БиХ;
– ДВА ЗЛАТНИ Медала за ливадски мед – Вуковар, Хрватска;
– ДВА ЗЛАТНИ Медала за шумски и ливадски мед – Сребреник, БиХ;
– ДВА ПЕХАРА за најдобар квалитет за ливадски и планински мед – освоени на „Академија пчеларства“ и „АПИ Терапија“ во Србија;
– ЗЛАТЕН Медал за цветен мед – освоен во Градачац, БиХ;
– ТРИ ЗЛАТНИ Медала за ливадски, планински и медликов мед – освоени во Брчко, формално е дел од Република Српска и од Федерацијата на Босна и Херцеговина;
– СРЕБРЕН Медал за планински мед – освоен во Цазин, Босанска Краина, БиХ.

Секое од учеството на фестивалите Марјан го реализира на сопствен трошок, без покритие од Асоцијацијата на пчелари во Македонија, но вели дека признаениот квалитет е потврда за вредноста на неговиот труд и пат до задоволни уживатели на медот и медовите производи.
- „Годинава поради сушната сезона производството на мед опадна кај сите одгледувачи на мед во земјата. Наместо очекуваните 1000 килограми колку што изнесуваше нашето минатогодишно производство, оваа сезона успеав да произведам 450 килограми мед. Значи производството е преполовено за разлика од лани. Но, квалитетот ги донесе наградите и сите пофалби за вредностите на нашата Кожуф планина каде што вршам испаша на пчелите. Од Фестивалите ги носам сите пофалби за медот од Кожуф планина. Стручните судии и дегустатори велат: „Имате убав мед со специфичен вкус и со најниска влага во медот на оваа топлина“.

На овој начин и со учество на Фестивалите за мед, и со освоените награди, Марјан Цветковиќ од Гевгелија вели дека го промовира нашиот град, и убавините, и благодетите на Југот на Македонија и подножјето на Кожуф планина.
- „На овој начин се трудиме да покажеме пред странските посетители на Фестивалите дека Гевгелија има убава клима, чиста природа, со разновидни билки и каде и да одиме на натпревари сите ни’ велат дека имаме квалитетен мед, со специфичен вкус и топлина од Југот“ – вели за GevgelijaNET Медарскиот рекордер Марјан Цветковиќ.

Да резимираме: Марјан е посветен одгледувач на пчели, производител на пчели, редовен освојувач на награди за квалитет како да е „претплатен“ на наградите. Само за илустрација – До лани имаше освоено 29 одличја, од кои златни 24 златни и 1 сребрен медал за најдобар мед (ливадски, планински, медовина) и 4 пехари за севкупен победник на саемите за мед на меѓународно ниво.
Кога ќе ги додадеме и наградите освоени во 2026 година добиваме вакво победоносно конто во текот на 10 годишната кариера во пчеларството:
– Вкупно освоено награди 43
– ЗЛАТНИ медали 35
– СРЕБРЕНИ медали 2
– ПЕХАРИ 6

Инаку, ова е 4-та година како „Пчеларство Цветковиќ“ се натпреварува на Фестивалски манифестации за мед. Првиот натпревар на кој учествуваше беше во Струмица на Агро Саем Струмица – „Меден Балкан“ во 2022. И од тогаш се редат саемите и успесите. И сега, доаѓа просекот дека на секоја натпреварувачка година во изминатите 4 години освојува по 10,75 награди. Ова е сериозна потврда за рекордерскиот статус, а квалитетот на медот е прва лига без дискусија.
Честитки за најнаградуваниот медопроизводител од Гевгелија. Да му се множат наградите, а Вам задоволството ако побарате да купите од слаткиот производ на вредниот Марјан од „Пчеларство Цветковиќ“!





















