Феноменален меч на најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ во полуфиналето на завршниот АТП Мастерс во Торино комплетно збришувајќи го најголемиот свој ривал во моментов Шпанецот Карлос Алкараз.
Ѓоковиќ на најдобар можен начин славеше во мечот кој се чекаше со големо нетрпение победувајќи го Алкараз за еден час и три минути, со 2-0 во сетови, односно со 6-3 и 6-2.
Карлос Алкарас влезе во петтата пресметка со Новак Ѓоковиќ со израмнет биланс од 2:2, па ако на сите претходни дуели гледавме изедначен и максимално возбудлив тенис, овојпат младиот Шпанец се запозна со најбруталното издание на светскиот рекет број еден.
Алкараз уште во првиот гем имаше две брејк-топки и никој не очекуваше дека ќе се распадне толку лесно против Србинот, кој во првиот сет направи брејк во осмиот гем (5-3) и потоа сервираше за да го добие сетот со 6-3.
Во вториот сет се водеше поголема борба, а Алкараз повторно пропушти две брејк-топки, а потоа следеа и грешки во седмиот гем (5-2) по кој немаше враќање назад за Шпанецот (2-6).
Во утрешното финале на завршниот Мастер во Торино, Ѓоковиќ ќе игра против миленикот на домашната публика Италијанецот Јаник Синер, со почеток во 18 часот.