Првоборецот Владо Кантарџиев од Гевгелија е роден на 18.11.1923 година во Гевгелија. Денес се навршуваат 100 години од неговото раѓање а се одбележува и 79 годишниот патронат на основното училиште кое го носи името на овој првоборец од Гевгелија.
Владо Кантарџиев е еден од 20-те загинати борци од Гевгелија кои се приклучиле кон НОВ на Македонија од првата половина на 1943 година до средината на 1944. Тој иако од сиромашно гевгелиско семејство успеал да заврши Економско училиште во Скопје.
Како ученик дружел со прогресивни младинци, учесници на скопското и гевгелиското младинско движење. Повеќе пати растурал летоци и друг пропаганден материјал во Гевгелија и Скопје. Член на СКОЈ (Сојуз на комунистичката младина на Југославија) станал во 1942 година, а на КПЈ (Комунистичката партија на Македонија) во јуни 1943 година.
Владо замина во партизани заедно со групата од 13 младинци од Гевгелија на 20 април 1944 година, вклучувајќи се во составот на Втората македонска ударна бригада. Загина како борец на истата бригада на 12.06.1944 година во близина на селото Страмашино, Кавадаречко, во борба со бугарската фашистичка полиција.
Владо поминал 14 месеци во партизани со пушка во рака, загинувајќи од непријателски куршум на своја 19 годишна возраст.
Во чест на овој храбар гевгелиски младинец, борец, скоевец кој го положил својот живот за слободата, училиштето ООУ „Владо Кантарџиев“ од Гевгелија синоќа му посвети свечена академија на која учество зедоа учениците од повеќе секции, драмска, играорна, денс група. За прв пат костимографски и кореографски беше изведен на сцената перформанс на партизанска екипа која изведуваше познати стихови на македонски автори инспирирани од борбата за слобода.
На свечената академија беше прогласена и првенката на генерацијата Лилјана Мајсторова.
Активностите по повод патрониот празник продолжуваат во понеделник, 20 ноември со положување свежо цвќе пред спомен бистата на во дворот на училиштето „Владо Кантарџиев“ Гевгелија.
Не си заборавен Владо. Децата го слават твојот ден на раѓање, ти носат свежо цвеќе на спомен бистата во училишниот двор и те споменуваат.
Вечна ти слава и благодарност!