Пораките од розовиот октомври посветен на превенцијата од ракот на дојки и ракот на матка кај жените и пораките од машкиот месец ноември посветен на превенција на ракот на простата кај мажите, беа повторени и синоќа на едукативната трибина за женското и машкото здравје што се одржа во Домот на културата во Гевгелија.
– „Здравјето не може да чека, затоа да не чекаме, да делуваме, превенираме и заеднички да придонесеме во борбата за подобро машко и женско здравје“ – порачаа од името на организаторите ОО на СДСМ Гевгелија и Форумот на жени на СДСМ Гевгелија.
На трибината се обратија специјалист д-р хирург Ален Георгијев кој освен стручното обраќање беше и во улога на модератор, д-р неврохирург Венко Филипче, заменик министерката за здравство Маја Манолева, д-р гинеколог Викторија Јованова, директор на ГАК.
Д-р Ален Горгиев посочи дека после 50-та година кај машките може да се појават знаци на старечка, бенингна простата која се карактеризира со почесто мокрење, со тенок млаз при уринирање, за што треба да се направат три почетни теста за да се утврди или одмавне сомнежот за можно присуство на рак на простата.
– „Почетниот тест е ПСА Лабораторија кој треба да го утврди нивото на хормон. Ако нивото е покачено се оди на следниот чекор 2. ЕХО на простата. Ако и овие резултати покажуваат сомнеж за можен рак на простата се препорачува третиот чекор 3. Преглед кај д-р специјалист уролог, кој ќе направи ректално туше и може да утврди дали имаме бенигна, или канцерогена состојба кај простатата“ – ги навести д-р Ален Горгиев трите чекори на преглед кај машките лица.
Доктор специјалист гинеколог Викторија Јованова, директор на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, најпрво ги посочи резултатите во Македонија на намалување на смртноста кај предвреме родените деца која годинава е 5,6%, а во 2017 година била 25%. Ова во контекст на одбележувањето на Светскиот ден на прематуратите (предвреме родените деца) кој завчера се одбележа и во Македонија.
Д-р Јованова истакна дека многу е важна превенцијата кај ракот на дојката и ракот на матката кај жената, зошто кога доаѓаат пациентки со веќе видливи знаци, црвенило, крвави исцедоци, тогаш станува збор за поодмината фаза на карцином кај пациентката и тешки клинички слики, па и премрежја на болната низ хемотерапија, радиотерапија и нарушен животен комодитет.
- „Карциномот на дојка се јавува кај женина возраст од 50 до 70-та година од животот. Во РС Македонија стапката на заболување е 500 до 700 нови пациентки годишно. И мажите можат да заболат од рак на дојка, но тое е многу мал процент на присутност, – истакна д-р Јованова.
Заради превенција потребно е да се зајакне свеста за навремени прегледи кај жените. Најчесто се јавува кај жени:
– Кои имаат семејна историја на заболени од рак на дока во семејството;
– Ракот на дојка е безболна грутка во горниот надворешен дел на дојката (не треба да се чека да стане болен симптом зошто тогаш ракот земал многу поголем замав);
– знак на канцер на дојка може да бидат и црвени отечени дојки;
– ранички на брадавиците од дојката;
– исцедок од брадавицата;
– крвав облик на венецот на брадавицата.
Се применуваат хирушки зафати за отстранување на малигните клетки, се применува радиолошка и хемиска терапија, и биолошка терапија. За да се избегнат сите овие несакани знаци потребен е преглед еднаш годишно на жената на состојбата со дојките и ПАП тест за утврдување на состојбата со матката, посочи д-р Јованова.
Болеста на едно лице во семејството влијае на целото семејство, па за да бидеме добри за себе и другите треба да не ја одложуваме грижата за своето здравје и навремените, превентивни прегледи.
Д-р неврохирург Венко Филипче како поранешен министер за здравство и д-р Мери Манолева како сегашен заменик министер за здравство зборуваа за вложувањата во здравството, опременоста како со технолошки средства, така и со кадри за да се одржи, сочува и подобри нивото на јавното здравје на граѓаните.