Во светот и кај нас денеска се одбележува 1 Декември – Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА.
Според податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) согласно постоечката евиденција на пријавени случаи заклучно со 31 октовмри 2023, кумулативниот број на лица регистрирани со ХИВ/СИДА во Република Северна Македонија, за периодот 1987–2023, изнесува 631.
Во овој период од 36 години, согласно податоците со кои располага ИЈЗ, вкупно 125 лица со ХИВ починале, а 506 лица живеат со ХИВ/СИДА.
Во билтенот за заразни болести од 9 ноември годинава ИЈЗ објави дека во текот на месец октомври, пристигнати се пријави за четири новорегистрирани лица со ХИВ/СИДА.
Од анализата на пристигнатите пријави се забележува дека лицата се на возраст од 25-54 години, а три лица се од машки пол.
ХИВ продолжува да биде главен глобален јавно-здравствен проблем, откако досега починаа 40,2 милиони лица на глобално ниво, со тоа што некои земји пријавуваат тренд на зголемување на нови инфекции иако претходно имале тренд на опаѓање.
На крајот на 2022 имало околу 39,0 милиони луѓе кои живееле со ХИВ, од кои две третини [25,6 милиони] се во африканскиот регион на СЗО.
Не постои лек за ХИВ инфекцијата. Меѓутоа, со зголемениот пристап до ефикасна превенција, дијагноза, третман и грижа за ХИВ, вклучително и за опортунистичките инфекции, ХИВ инфекцијата стана хронична здравствена состојба, овозможувајќи им на луѓето што живеат со ХИВ да водат долг и здрав живот.
СЗО, Глобалниот фонд и УНАИДС имаат глобални стратегии за ХИВ кои се усогласени со целта 3.3 на Одржливите цели за развој за ставање крај на епидемијата на ХИВ до 2030 година.