- „Не бараме сочувство, бараме одговорност“, порача учесничка на протестот во Скопје по трагедијата во Богданци, во која животот го загуби 17-годишната Билјана Кириќ. Демонстрантите побараа конкретни санкции за институционалните пропусти, итни законски измени за заштита од насилство и разрешување на функционерите кои со своите јавни ставови го оправдуваат или нормализираат насилството врз жените.
- „За сите пропусти бараме имиња, одговорност и санкции. Итно поднесување и усвојување на законските измени за заштита од насилство“, порача учесничката на протестот.
Таа предупреди дека борбата против родово базираното насилство не може да биде успешна доколку истовремено се поткопува неговото препознавање во општеството и институциите.
- „Не може да водиме борба против родово базирано насилство ако го поткопуваме неговото препознавање. Разрешете ги тие кои повикуваат на контрола на жените, го оправдуваат насилството или го нормализираат истото“, истакна таа.
- „Ова не се нови барања, истите ги повторуваме со години. Истите предупредувања и докази. Списокот на убиени жени расте. Затоа нема да ви кажеме дека се надеваме дека ќе нè слушнете“, порача говорничката.

Протестниот марш е насочен покрај Собранието, Министерството за правда и Министерството за образование, со порака дека одговорноста за спречување на насилството не смее да остане само на декларативни заложби.
Особено силна реакција предизвика пораката со која учесничката се спротивстави на сведувањето на улогата на жените исклучиво на мајчинството и раѓањето.
- „Ние не сме машини за раѓање, ние сме жени, работнички, мајки, ќерки, сестри и другарки. И тука сме заедно, не бараме сочувство, бараме одговорност“, порача таа.

Демонстрантите бараат да се утврди дали надлежните институции навремено постапувале по пријавите и дали можеле да преземат дополнителни мерки за да ја спречат трагедијата.
Нивната порака е дека секој нов случај не смее да завршува само со изразување сочувство и ветувања, туку со утврдување одговорност и конкретни промени во системот за заштита на жените, објави Скопје1.мк
Протестот во главниот град следува по граѓанскиот собир што во петокот се одржа во Богданци, каде што жителите побараа правда за Биљана и одговори за тоа дали нејзиното убиство можело да биде спречено.
Загрижувачки се и податоците за семејното насилство во земјава. Според изнесените статистики, од почетокот на годинава до септември седум жени биле убиени од партнери или членови на семејството. Во истиот период биле регистрирани 1.337 кривични дела поврзани со семејно насилство и околу 4.000 поплаки. Од вкупно 1.388 пријавени сторители, 1.278 биле мажи.
Минатата година, пак, биле евидентирани 4.745 пријави од жени жртви на семејно насилство.




















