Богданци се крена против фемицидот!
Стотици граѓани вечерва на мирниот протест во Градскиот парк запалија свеќи за 17-годишната Билјана Кириќ која заврши усмртена од својот партнер кај местото викано „Ичевa чешма“ во Горно село, Богданци.
Жители на Богданци, Гевгелија и околните населени места вечерва се собраа во Градскиот парк во Богданци на мирен протест во спомен на 17-годишната Билјана Кириќ, која беше убиена пред три дена.
Со запалени свеќи, положено цвеќе и транспаренти со пораките „Стоп за фемицидот“, „Гласни против насилството“ и „Молкот е соучесништво, одбивам да молчам!!!“, присутните повикаа на прекинување на насилството врз жените и поголема одговорност од институциите. На собирот беа и соученици, пријатели и сограѓани на девојката.

Младата, се’ уште не полнолетна 17-годишната Билјана Ќириќ, на 3 ноември беше убиена, а потоа запалена во автомобил на нејзиното момче, од кое се обидувала да се раздели, а поради насилствата кои ги доживувала од него побарала полициска интервенција и мерки на заштита преку граѓанска тужба за семејно насилство која ја поднела преку Центарот за социјални работи Гевгелија… Наместо почитување на судските забрани за контакт со Билјана, невознемирување и неприближување на помалку од 100 метри, партнерот Виктор ја намамил во својот автомобил кое потоа и го запалил со Билјана во него, а подоцна самиот си го одзел животот.
На собирот присуствуваа жители на Богданци, Кочани и други градови, кои палеа свеќи и носеа транспаренти со пораки против фемицидот и семејното насилство. Организаторите, неформална група граѓани, порачаа дека општеството мора да ја подигне свеста и да реагира навреме за да се спречат нови трагедии.
Во недела напладне, протест против фемицидот е најавен и во Скопје, во паркот „Жена борец“ под мотото „Ниту една друга!“.



















