Празничните одбележувања по повод 5 Ноември, Денот на ослободувањето на Дојран од фашистичкиот окупатор во ВСВ, донесоа и нови културни содржини.
Дојран доби ново уметничко обележје посветено на една од најстарите и најпрепознатливи традиции на овој крај – рибарството и нераскинливата врска на локалното население со Дојранското Езеро. Станува збор за скулптурата „Дојрански рибар“, авторско дело на уметникот Никола Пијанманов, поставена на шеталиштето во паркот во Стар Дојран.
Скулптурата е приказ на вечната поврзаност на жителите на Дојран со езерото, препознаен како извор на живот, економски импулс за напредок на туристичкиот и гастрономскиот туризам.
Исцрпената човечка фигура ја симболизира вечната борба за живот во костец со езерото кое знае да биде и сурово, но и благодатно, но секогаш победник е човекот.
Авторот Никола Пијанманов е роден во 1981 година во Струмица. Средното уметничко образование го завршил во училиштето „Лазар Личеноски“ во Скопје, а во 2005 година дипломирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во класата на професорот Рубенс Корубин. Зад себе има бројни самостојни и групни изложби во земјава и во странство, а неговото творештво опфаќа сликарство, скулптура и сценографија. Автор е и на повеќе дела поставени во јавен простор.
Со поставувањето на ова дело, Дојран добива ново уметничко обележје кое ја слави неговата традиција и луѓето што со генерации живеат со езерото, претворајќи ја приказната за дојранскиот рибар во трајно присуство во јавниот простор.
Среќен Ви празник дојранчани, 82 години слободарски живот! 🎇🎆



















