Традиционално и годинава, по седми пат во Гевгелија се организира Хуманитарен добротворен Базар во организација на Здружението „Православна жена“ и свештениците од Гевгелија.
Благослов за оваа хумана посветена мисија на организаторите-благодарители даде Митрополитот Повардарски, господин Агатангел.
Со свое учество во збогатувањето на Базарот, а со тоа и на хуманоста, можат да се вклучат и самите граѓани, фирми, стопанствници со издвојување, подготовка, достава и донирање на производи (посни), пијалоци, облека и разни изработки кои ќе бидат изложени на денот кога ќе се одржи Хуманитарниот Базар.
Недела, 17 декември е датата на одржувањето на Хуманитарниот Базар кој ќе се одржи во дворот на Црквата „Свето Кирил и Методиј“ во Гевгелија.
Организаторите, ЗГ „Православна жена“ и гевгелиското свештенство упатуваат повик до граѓаните и широката стопанска заедница во Гевгелија да се приклучат во организацијата на Базарот со свои прилози во храна, пијалоци, облека, постелнини, или домашни изработки со посвета за хуманоста за Гевгеличани, во пресрет на големиот празник „Свети Никола“. Доставата на артиклите, производите, изработките да биде најдоцна до сабота 16 декември, во црквата „Св. Кирил и Методиј“.
„Свети Никола дарува, Свети Никола подарува“ е мотото на акцијата.
Се очекува богат одзив и посветеност на гевгеличани пред уште еден хуманитарен предизвик на кои секогаш одговарале срдечно и со срце, со намера донираните средства да стоплат нечија душа, да израдуват некое семејство, особено во пресрет на Божиќните и Новогодишните празници.