“Ова е најубавиот Новогодишен подарок – Детето да си го однесеш дома здраво” – ова го напиша мајката на малата хероина Луна Поп-Костова од Гевгелија на социјалните мрежи.
Луна помина две операции во “Аџибадем” во Истанбул, Турција, сега може да седи исправено, а сколиозата веќе не е закана за нејзиното здравје. За шест месеци ја чека нова операција на нозете и конечно би стапнала на земја.
Благодарност до сите хумани луѓе од Луна и тимот кој ја поддржува за помошта и донираните средства за да се дојде до оваа среќна вест. Радоста е и на гевгеличани кои помогнаа многу во оваа хумана акција.
Фото: Луна со проф. д-р Ahmet Alanaj кој и го промени и продолжи животот на бескрајниот оптимист, 14 годишната хероина од Гевгелија
Хуманитарните акции за Луна, 14 годишното девојче од Гевгелија, започнаа ова лето!
Малото девојче ЛУНА од Гевгелија се бореше со сколиоза во последен стадиум, болест која беше животно загрозувачка за неа, поради што требаше да се закаже итна операција во странство, во „Аџибадем“ Р.Турција. Операцијата е тешка и долга, трае 15 до 18 часа, за кој период Луна требаше да се одржува во живот со машини.
За сето тоа потребни беа големи финансиски средства кое нејзиното семејство неможеше да ги обезбеди само, па се вклучи гевгелиската јавност, граѓаните, фирмите, локалната самоуправа и деца кои осмислија акција за продавање на крофни, слатки, домашни изработки од чија продажба средствата одеа за наменската сметка за лекување на Луна.
Луна ја направи првата операџија во октомври годинава благодарение на собраните средства од хуманите луѓе, таа замина во Турција, во болницата „Аџибадем“. Во декември и’ беше направена втората операција со која ја отстрани заканата од сколиозата.
Луна прашуваше: „Мамо ќе успееме ли?“
Ете, победи ЛУНА!