Новата 2024 година започна со интервенција на дежурните служби на Територијалната Противпожарна единица на Гевгелија.
За време на Новогодишната ноќ додека сите граѓани слават ТППЕ Гевгелија доби пријава за пожар во 00:14 часот, кој избувнал во семејна куќа во Миравци. Пожарот бил пријавен од соседи, граѓани на Миравци.
На ул. „Маршал Тито“ горела семејна куќа. Опожарен бил првиот спрат од куќата, а на вториот имало неподвижна стара жена која живела сама. Пожарникар од тимот на ТППЕ Гевгелија со помош на граѓаните на Миравци успешно ја извлекле жената и таа била предадена на екипата на Брзата помош при гевгелиската болница која исто така дошла на терен.
- „По пријавата за пожар на местото за интервенција веднаш се упатија две противпожарни возила и седум пожарникари на ТППЕ Гевгелија. Беше опожарен долниот спрат од куќата, а горе, каде се наоѓала стара неподвижна жена, беше спроведена нејзина успешна евакуација и предадена на Брзата помош од Општа болница Гевгелија. Пожарот е успешно ликвидиран во 02:10 часот“ – изјави за GevgelijaNet Игор Ризов, командир на ТППЕ Гевгелија.
За причините на опожарување се претпоставува дека се работи за внатрешен причинител – отпадната жар низ оџкот од вториот спрат надоле во отворот од првиот спрат каде биле опожарени покуќнината и мебелот.
Огнената ноќ на улица „Маршал Тито“ во Миравци заврши успешно, со елиминиран ризик од страна на единицата на ТППЕ Гевгелија за опожарување на околните куќи, кои се лепенки со опожарената куќа.
Честитки за успешната интервенција испратија жителите на Миравци до будниот тим на ТППЕ Гевгелија и до медицинскиот тим на ИМП.
Брзо опоравување на вознемирената станарка посакуваме и мирна Нова 2024 без несакани незгоди и интервенции!