Советот на општина Гевгелија го усвои амандманот на Буџетот на општина гевгелија за 2024 година со кој се предвидува субвенционирање на граѓаните на општината за набавка на велосипеди.
Субвенционирањето ќе биде во вредност од 5.000 денари и ќе се однесува на првите 100-тина граѓани кои ќе аплицираат на повикот за субвенционирање за набавка на велосипед.
Оваа погодност за граѓаните на општина Гевгелија ќе го „чини“ буџетот вкупно 500.000 денари, (или 8.150 евра), а средствата ќе бидат одвоени од програмската ставка во локалниот буџет „Заштита на животната средина и природа“.
Оваа погодност за граѓаните доаѓа како Амандман од советничката група на СДСМ во гевгелискиот Совет со цел стимулирање на граѓаните да користат велосипеди како превозно средство што ќе придонесе за заштита на воздухот, намалување на сообраќајниот метеж во градот и секако поздрав начин на живот на гевгеличани.
Амандманот е усвоен на последно одржаната седница на Советот во декември 2023 година и истиот претставува дел од програмата за „Заштита на животната средина и природа“ предвидена во Буџетот на општина Гевгелија за 2024 година.
Субвенционирањето за набавка на велосипеди до сега во Гевгелија се изведува две години по ред, исто така на предлог, амандман на советничката група на СДСМ кој наидува на поддршка и од страна на мнозинството во гевгелискиот Совет.
Со тоа, нови 100 гевгеличани рекреативци ќе можат во текот на годината да аплицираат за субвенција за набавка на велосипед и да ја зголемат сликата на големото семејство велосипедисти низ градот и го оправдат името „Гевгелија – град на точаци“.