Јавното обвинителство на Македонија донесе НАРЕДБА за истрага против десет лица притворени по завчерашната акција „Чибук“ и побара од судот определување на мерка ПРИТВОР што Кривичниот Суд во Скопје го одобри.
Во групата беа и четворица гевгеличани како и тројца жители на Струмица, двајца од Струга и еден од Демир Капија. Сите остануваат во затвор каде продолжуваат да ја издржуваат мерката притвор додека трае истражната постапка.
Вчера Јавното обвинителство излезе со Соопштение во кое се вели:
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапувајќи по кривичната пријава поднесена на (3.3.2024 година) од МВР, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 10 лица. На сите осомничени им се става на товар дека сториле кривично дело – „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 ст.3 в.в. ст.1 од од КЗ.
Во текот на вчерашниот ден, под раководство на предметниот јавен обвинител полициските службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за криминалистички истраги – Единица за недозволена трговија со дрога при Бирото за јавна безбедност, спроведоа успешна координирана полициска операција под кодно име „Чибук“. Беа извршени претреси на повеќе локации во Струмица, Гевгелија, Демир Капија, Струга, КПУ Затвор Прилеп и неговата околина и притоа беа приведени 8 лица и пронајдени 13 јутени бели вреќи со 193 вакумирани кеси со наркотична дрога марихуана во количина од 99 кг и 630 грама.
Акцијата е резултат на повеќемесечна предистражна постапка во која е утврдено дека во периодот од октомври 2023 до март 2024 година, осомничените заедно, како повеќе лица, се здружиле заради неовластена продажба и пуштање во промет на наркотична дрога марихуана и за таа цел купувале, држеле, пренесувале, продавале и посредувале во неовластена продажба. Во текот на овој период групата организирала и реализирала продажба на поголема количина на наркотична дрога марихуана што неовластено била набавувана од НН правни субјекти од Струмица и Демир Капија, од Р.Албанија, како и од правен субјект со дејност одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија и растенија за употреба од Струмица.
Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, денеска на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје му предложи определување на мерката притвор за осумтемина осомничени. Останатите двајца осомничени се наоѓаат на издржување на затворската казна во КПД Затвор Прилеп од каде го сториле кривичното дело што им се става на товар“ – стои во соопштението од ЈО на РСМ.
Зад решетки остануваат сите притворени, меѓу кои е екс градоначалникот на Ново Село Боро Стојчев како и Симе Франгов, син на екс градоначалникот на Гевгелија.
Веста завчера ја пренесоа повеќето медиуми во државата за успешно спроведена акција на МВР.
Приведени 4-ца гевгеличани, биле дел од 10-члена криминална група на дилери