Денеска е 17 март – Денот на основањето на Црвениот крст на Македонија и одбележувањето на 79-годишнината од основањето на оваа хуманитарна организација кај нас, во далечната 1945 година.
По тој повод Републичкиот Црвен крст на Македонија одржа свечена седница на која беа доделени Признанија за најактивните опшштинси организации на Црвениот крст во државата.
Меѓу 20-те добитници на Признение е и ОО на ЦК Гевгелија. Признанието го стекна како резутат на остварениот годишен план за крводарувања реализирани во 2023 година.
– „Целта е исполнета – Гевгелија, Богданци и Дојран се повторно на сцена со останатите општински организации. Драги крводарители, животоспасители, Ви благодариме на довербата, се надеваме на Вашата хуманост за спас на човечки живот и во 2024 година“ – истакна секретарот на гевгелискиот ЦК, Лазар Мешков.
Во 80-те години од XX век ОО на ЦК Гевгелија важеше за државен рекордер со остварени и надмашени годишни планови на крводарувања. Годинава, гевгелискиот Црвен крст се враќа на патеката на успешните организации по своите реализирани акции.
Денот на основањето на Црвен крст Македонија општинската организација на ЦК во Гевгелија го одбележа со доброволна крводарителска акција која се организираше во петокот. На истата придонес во хуманиот повик за учество во крводарителската акција имаше од 38 доброволци кои дарија сопствена крв за спас на нечиј живот.
Акцијата се изведе во просториите на Народниот театар во Гевгелија и беше трета по ред годинава, со што бројката на оствареnи крводарувања во 2024 се искачи на 165 донирани крвни единици.
Честитки и Среќно до сите крводарители кои придонесоа до оваа Признание за гевгелиската хуманитарна организација!