Неделава што измина на Универзитетската клиника за пластична хирургија Скопје беше изведена
успешна комплексна микрохируршка DOUBLE DIEP реконструкција на гради кај пациентка по мастектомија.
Заедно со македонскиот тим лекари искуството за ваквиот зафат го пренесоа со проф. Марија Мани и д-р Елеонора О. Ф. Димовска од Клиниката за пластична хирургија на Универзитетската болница во Упсала, Шведска. Соработката дополнително ја збогати проф. Димитрис Дионисиу од Аристотел Универзитетот во Солун.
Тројцата професори од странските клиники заедно со македонскиот тим лекари одржаа сеопфатни предавања на нашите студенти и специјализанти, споделувајќи ја нивната непроценлива експертиза од областа за реконструкција на дојка, хирургија на лимфедем и микрохируршки техники за реконструкција на дефекти на глава и вратот.
Ја упатуваме нашата искрена благодарност до проф. Андрес Родригез – Лоренцо, директор на Клиниката за пластична хирургија во Упсала и ја цениме неговата непоколеблива посветеност и поддршка за целиот наш тим.
– „Оваа недела ја нагласи нашата посветеност на континуирана едукација и соработка, покажувајќи ја нашата посветеност да се поврземе со светски експерти. Ваквите партнерства се клучни за нашата мисија и уверени сме дека нашето континуирано проширување на овие вредни соработки дополнително ќе ја подобри нашата можност за унапредување на најсовремените техники во пластичната и реконструктивната хирургија“ – велат од Клиниката за пластична хирургија.
Ова ново оперативно достигнување значи „ЗБОГУМ“ на лузните од изгубената дојка, збогум на протезите за дојка, нова постоперативна реалност за жените кои поради рак на дојка се подвргнале на мастектомија, (отстранување на дојката).
Заедно, ние веруваме во огромните можности на споделување знаење и експертиза, велат од македонската Клиника за пластична хирургија.