На Светскиот ден на лица со Даунов синдром потсетуваме за тоа дека и овие лица носат свои вредности кои треба да бидат препознаени, прифатени, поддржани.
Пример за тоа е Марио Мицковски, млад спортист, атлетот на Специјална олимпијада и носител на ТРИ ЗЛАТНИ медали за пливање од Специјалните Олимписки игри одржани во Абу Даби, САЕ (2 златни одличја) и во Калифорнија, САД (1 златен медал).
Марио сака да спортува, но го сака и танцот и посветено тренира и во двете области. Среќен кога плива, ама и кога танцува. Тој е Светски шампион во танц на меѓународниот натпревар одржан во Грац, Австрија.
Талентот, упорноста и дисциплината му носат медали од светски натпреварувања, а неговиот ведар дух-многу пријатели кои имаат што да научат од него.
Марио има 21 години, завршил Средно Фискултурно училиште, тој е трократен олимписки победник и светски шампион во танц – сака да подучува други лица во танцување, има осет за музиката и танцот. На Светскиот ден на лица со Даунов синдром Марио порача:
– „Да има љубов, да танцуваат, да спортуваат и да бидат успешни!“
Меѓународниот ден за подигање на свеста за Даунов синдром (ДС) е 21 март.
Овој ден Обединетите нации го одбележуваат од 2012 година.
Се паѓа на 21-виот ден од третиот месец во годината за „да укаже на уникатноста на трипликацијата (трисомија) на 21-от хромозом што предизвикува Даунов синдром“, објаснуваат организаторите.
Темата за оваа година е „Крај на стереотипите“.