Изборната трка за пратенички мандат на спретстојните Парламентарни избори во Македонија за гласачите од општина Гевгелија носи четирикратен избор – познати се четири кандидати од четири различни политички партии и коалиции.
СДСМ и коалицијата први ги објавија листите на кандидатите за пратеници во сите шест изборни единици во државата. Во ИЕ-4 каде што припаѓа Гевгелија меѓу кандидатите е Елизабета Стефановска од Гевгелија, актуелен директор на ЈУДГ „Детска радост“.
Партијата Левица својот досегашен член на Совет во општина Гевгелија Сашко Јанчев, правник по професија, го назначи за носител на листата за ИЕ-4.
Следен кандидат промовирана за пратеник од партијата ГРОМ во коалиција со ПЦЕР и Интегра е Ружица Николова вработена во фирмата „Вивитекс“ Гевгелија
И Централното раководство на ВМРО-ДПМНЕ завчера ги промовираше своите изборни листи, со што е обзнанено дека кандидат за пратеник од Гевгелија е Ангелина Петкова, социјален работник и досегашен пратеник.
Крајниот рок за поднесување на листите на кандидати за пратеници е 02 април до 24:00 часот – 35 дена пред денот на одржување на изборите.
Ако ДИК утврди дека листата е поднесена во определениот рок и е составена
во согласност со одредбите на Изборниот законик, поднесената листа ќе ја потврди
со решение веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа.
Значи, Гевгелија до сега има четири познати кандидати кои чекаат потврда и официјализирање на изборните листи од страна на ДИК, а гласовите од граѓаните ќе ги очекуваат на 8 мај кога се одржуваат 11-те по ред Парламентарни избори во Македонија.