Зголемување за 100% на поддршката за млади земјоделци во првите 5 години, уште повеќе средства за поддршка и развој на тиквешкиот регион и земјоделието. Ова го најави Венко Филипче, кандидатот на СДСМ и коалицијата и носител на листата во Изборна единица 4. Филипче синоќа во Кавадарци присуствуваше на отворање на нов изборен штаб.
- „СДСМ ќе продолжи да вложува силно во земјоделието. Планирани се рекордни 1,3 милијарди евра финансиска поддршка за македонското земјоделство. Планирано е зголемување за 100% на поддршката за млади земјоделци во првите 5 години. Со ова значително ќе се зајакнат земјоделците и нивниот животен стандард. Зелената нафта, успешен проект кој за прв пат го имплементираше СДСМ, ќе се надгради и во следниот мандат ќе обезбедиме 100% покривање на трошоците за гориво за земјоделска механизација“, истакна Филипче.
Носителот на пратеничката листа на СДСМ во четворката, Филипче, говореше за вложувањата во здравството и покачувањето на платите кои владата на СДСМ ги направи во изминатиот мандат.
„Платите ќе продолжат да растат, тоа е одлика на владата предводена од СДСМ, секогаш да вложува во приходите на граѓаните. Платите на општите лекари до крајот на мандатот ќе бидат од 120.000 до 140.000 денари, а на медицинските сестри од 60.000 до 90.000 денари. Ќе продолжат да растат и платите на специјалистите. Со овој модел на европски плати ќе ги задржиме здравствените работници дома и ќе ги подобриме услугите”, рече Филипче.