Примарната здравствена заштита е клучна за здрави поколенија, а матичните лекари заслужуваат нивната работа да биде признаена и вреднувана. Затоа, ќе го зголемиме капитациониот бод за општите лекари и тоа ќе го направиме уште во првата половина на мандатот. Ова го истакна д-р Венко Филипче при својата вчерашна посета на Прилеп каде што се одржа трибина по повод Светскиот ден на здравјето.
- „Капитацијата за матичните лекари во новиот мандат, во почетокот на новиот мандат, не до крајот на мандатот, ќе се зголеми за 15%. Ние тоа еднаш го направивме и затоа и понатаму продолжуваме да го зајакнуваме примарното здравство“, истакна Филипче на трибината.
Филипче презентираше и други мерки, со фокус на примањата на здравствените работници и задржување на медицинскиот персонал во земјава преку подобрување на образованието, инфраструктурата и условите за работа во здравствените установи.
- „Лекарите специјалисти ќе бидат платени до 180 000 денари. Во општите болници лекарите ќе примаат плата до 140 000 денари. Матичните лекари до 120 000 денари. Медицинските сестри, меѓу 60 и 90 000 денари“, рече Филипче.
Во насока на задржување на студентите што завршуваат медицина или специјализираат, пак, Филипче најави дека ќе им биде понудено загарантирано вработување и одлични услови за да бидат мотивирани да останат во земјава.
- „Специјализантите ќе ги остварат сите права за текот на нивната пракса преку целосно вкупно здравствено осигурување и ќе добиваат месечен надоместок од почетни 60.000 денари. Нашата цел е приближување кон системот на здравствена заштита во ЕУ членките. Одобривме рекордни 931 специјализација и 130 суб-специјализации. Ќе обезбедиме уште нови 1.000 специјализации и субспецијализации“, рече Филипче.
Вложувањето во здравствените работилници значи инвестирање во здравјето на граѓаните, додека инвестирањето во здравствената инфраструктура и нова медицинска опрема значи брза дијагноза и спасување на повеќе животи.