Многупати досега д-р Венко Филипче зборувал за поддршката што им ја давал на своите помлади колеги од позиција на министер за здравство, кога ја извршуваше таа функција, но и како носител на листата во Изборната единица 4 на СДСМ и Kоалицијата за европска иднина во насока на тоа што ќе направи од позиција на пратеник за поддршка на своите млади колеги.
На оваа тема и на многу други, во Подкаст на Сител, Филипче зборува за својот професионален, но и приватен развој од еден поинаков, понеформален агол откривајќи детали за неговото детство, љубовта кон неврохирургијата, местата каде што излегувал како студент и многу други настани што за прв пат ги споделува во јавноста.
Филипче дава прецизен увид како изгледа една операција и операционата сала додека тој со својот тим оперира, но и открива зошто младите доктори и специјализанти сакаат да присуствуваат на неговите операции.
– „Има одредени патологии коишто бараат максимална тишина и особена концентрација посебно на крајот на операцијата кога е хирургот и тимот практично најуморен. Најделикатниот дел од операцијата доаѓа на крајот од интервенцијата. Но, ние многу разговараме пред и по завршување на операцијата“, појаснува Филипче.
Тогаш, додава Филипче, тој се труди да им го пренесе сето свое знаење на колегите присутни на одредена интервенција.
– „Најголемиот фокус во целиот тој разговор се става на пренесување на знаењето на помладите. Јас се обидувам да го објаснам секој мој чекор, од резот на кожата до последниот шаф, којшто во мојата пракса на работа е комбинација на различни искуства што сум ги собрал од секаде во Европа и светот каде што сум бил на едукација, со некој мој систем и моја комбинација да објаснам зошто е тоа така со цел младите специјализанти тоа да го запамтат“, вели Филипче.
Тоа е нешто на што Филипче посветува многу внимание и тоа е нешто што практично привлекува голем број на млади колеги специјализанти, па дури и студенти по медицина коишто покажуваат уште сега интерес за неврохирургијата, да бидат присутни на тие интервенции, објаснува тој.
Филипче се надева дека младите доктори и специјализанти ќе можат овие совети и искуства да ги имплементираат во нивната пракса.
Во подкастот тој зборува за изборот да работи како лекар во Македонија иако имап понуди за работа во Америка, Швајцарија, Канада.
Неврохирургот пред да стане лекар работел во сервис за миење возила, тогаш му се родила љубовта кон моторите и автомобилите.
– „Љубовта кон моторите и кон автомобилите е многу одамна уште од средношколските денови заедно со еден мој другар Благоја, менаџиравме во тоа време сервис за миење возила. Сопственик беше неговиот татко, сервисот се викаше „Водно“ беше еден од првите сервиси за миење возила во тоа време. Ние како средношколци и после како студенти работевме во тој сервис и одвај чекавме некој од муштериите да ни дозволи да му ја паркираме колата на следниот паркинг. Така што, тоа е стара љубов“, вели д-р Филипче.