Денот на храбрата одлука на гевгелиските скоевци, членовите на прогресивното младинско движење во рамките на КПЈ да заминат во партизани, во виорот на Втората Светска војна која ја зафати и Гевгелија и Македонија, е денешниот – 26 април 1943 година.
Пред 81 година напредните младинци од Гевгелија и гевгелиско беа првата група доброволци кои заминаа во партизани и првите партизански кадри со кои беше оформен првиот Гевгелиски партизански одред „Сава Михајлов“ на Кожуф планина. Тоа се случи на 10 мај откако дојдоа и други групи младинци и им се придружија во намерата да станат вооружен отпор против фашизмот во нашата земја.
Истиот месец гевгелиските партизани ги извршија првите свои воено-политички акции со нападите на селото Радња и на мандрите на Кожуф планина каде се движеле окупаторските сили. Во текот на овие две први борби загинаа и првите борци од Гевгелискиот партизански одред: Нако Тумбов, Јанко Урдинов, Илија Миов и најмалиот 17 годишен Васо Карајанов.
Цвеќе за спомен на оваа младешка храброст денеска положија гевгелиските поклоници на оваа светла историја од нашиот крај: членовите на Здружението на борците од НОБ и нивните следбеници, поддржувачи на нивното дело, членовите на општинскиот Совет, претставници на јавниот живот на Гевгелија.
Вечна слава и благодарност!