Една од најстарите архитектонски градби од јавен карактер во Гевгелија е Железничката станица која датира од 1874 година. Изградена во 19 век, реконструирана во првата половина од 20 век, а со модерното време на динамика и се’ поголемата потреба од транспортни услуги и реконструкцијата на Железничката станица стана потреба.
Со средства од проектот „ЕУ за тебе“ обезбедени преку Делегацијата на Европската Унија и донација од Шпанската Влада, Владата на Македонија започна целосна реконструкција на 10 железнички станици во државата од кои 6 на коридор 10 и 4 на коридор 8. Најголеми зафати се направени на железничката станица во Гевгелија, бидејќи ова е најстар објект заштитен со одлука од Републички завод за заштита на споменици на културата.
На увид на последните завршни работи денеска во Гевгелија присуствуваше д-р Венко Филипче, носител на листата на СДСМ за ИЕ-4, генералниот директор на Македонски железници – инфраструктура Зоран Трифуновски, помошникот директор за сообраќај на МЖ-инфраструктура Никола Марков и кандидатката за пратеник од СДСМ Гевгелија Елизабета Стефановска.
Раководните лица им ги покажаа на гостите завршните работи изведени на железничката станица во Гевгелија, современите градежно-технички зафати за зајакнување на статиката на објектот, задржување на фасадното обележје како културно-историски споменик, современото електронско опремување со техника, климатизери, модерни тоалети, соби за работа и престој на граничните царински службеници од Грција со кои соработува МЖ Македонија.
Објектот треба да има технички прием и за дестина денови треба да биде пуштен во употреба за граѓаните, корисници на железничкиот патнички сообраќај.
Посетата на гостите од Скопје на гевгелиската железничка станица не помина незабележано од гевгеличани. Постари граѓани дојдоа и поставија прашања и на раководителите и на носителот на изборната листа д-р Филипче. Беа услужени со одговор, дека реконструкцијата во Гевгелија подолго траела заради тоа што објектот е под заштита на РЗЗС и за секој зафат треба одобрување од истиот Републичкиот завод за заштита.
Граѓаните заедно со гостите ја продолжија прошетката низ новореновираните простории на железничката станица и изразија задоволство од направеното. „Да му служи на народот. За арно, оти ова е направено за народот“ – коментираа гевгеличани.
Филипче и кандидатката за пратеник Стефановска се упатија и во централната соба за регулирање на железничкиот сообраќај каде научија дека се’ е автоматизирано и електронски контролирано, со задолжителни две команди за да не дојде до несреќни случаи.
– „Ваков систем на електронска команда треба да воведеми и во транспортот со Грција, а сега тоа е на хартија, со размена на документи“ – им објасни на гостите Никоал Марков, помошниот директор за сообраќај.
Железничката станица е историско-културен реликт, а таква е и најстарата локомотива која е изложена пред Железничката станица во Гевгелија. Гостите ја разгледаа, направија фотографии, а д-р Филипче не одолеа да се качи, да влезе во локомотивата и да го осети чувството на историјата.
Гевгелија, веќе два века е поврзана со железничка линија со Европа и светот. Продолжува да биде дел од европската трансферзала со блискоста на пристаништето во Солун и комбинацијата со поморскиот и железничкиот транспорт. Новиот пратеник д-р Венко Филипче се интересираше и за потребата и можноста за отварање на нов граничен премин со Грција од Гевгелија према Идомени.
Така е, гостите кажаа што е ново, што е завршено и што да очекуват гевгеличани во сферата на железничкиот сообраќај, кој е осмислен да функционира за потребите на граѓаните.