На инаугуративна седница во Собранието, Гордана Силјановска-Давкова даде свечена изјава за стапување на функцијата претседател на Северна Македонија во мандатниот период 2024 – 2029.
Силјановска-Давкова – шести претседател и прва жена на оваа позиција од осамостојувањето на државата се обврза дека должноста ќе ја извршува совесно и одговорно, ќе го почитува Уставот и законите ќе го штити суверенитетот, територијалниот интегритет и независност Република Македонија.
– „Ќе го почитувам овој парламент, ќе ги заборавам лошите моменти, ќе ги помнам само добрите, ќе бидам претседателка и на левата и десната страна, на сите граѓани, нема да правам разлика меѓу нив по етничка, верска, полова ни по која било друга основа. Ќе се обидам да ги оправдам овие илјадници гласови кои не се само најубав подарок за мојот роденден, туку и најголема обврска и одговорност“, истакна Силјановска-Давкова на инаугурацијата на 151 седница на Собранието, која ја водеше досегашниот нејзин претседател Јован Митрески.
Својот говор таа им го посвети на жените кои, рече, се оние заради кои се нафатила да се кандидира за оваа должност и затоа што сака да ги инспирира дека е можно во земјава и жена да стане претседател на државата.
Нагласи дека довербата е многу важна и таа ќе ја оправда затоа што ја добила оваа можност и затоа што, рече, добила шанса да биде опкружена со многу жени.
Првиот и основен критериум „за дружење“ со неа ќе биде стручност и компетентност, а владеење на правото е тоа што оваа држава, рече, ќе ја направи европска, а не „владеење на малкумина, не владеење на мажите“.
Грчката амбасадорка Софија Филипиду, која заедно со колегите амбасадори дојде да ја проследи седницата на Собранието за инаугурација на Гордана Силјановска-Давкова за претседателка на државата, ја напушти пленарната сала. Заминувањето е во знак на протест поради тоа што Силјановска-Давкова, при давањето свечена заклетва, не го употреби уставното име на земјава – Република Северна Македонија туку користеше Македонија.
Претставник од ДУИ говорот и’ го оцени за скандалозен: „Уште со првата изјава го погази Уставот, не спомна ниту република, а камоли Северна Македонија. Говорот и’ беше како за 8ми март“.
Фото: МИА