24 Мај, Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, Светите браќа Кирил и Методиј, е неработен празничен ден за сите граѓани на Македонија, а свечен и празничен за Црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Гевгелија.
По тој повод, со благослов на Неговото Високопреосвештенство Митрополит Повардарски господин Агатангел, ќе биде одржана дводневна празнична програма во црковниот храм во Гевгелија што го носи нивното име.
Чествувањата започнуваат утре, 23 мај во 18:00 часот со Акатист кон Светите браќа Кирил и Методиј, па следува програма на која ќе настапат Градскиот детски хор „Божилак“ и балетската група „Дива“ од Гевгелија.
Празничниот ден, 24 мај (петок), започнува со низа одбележувања:
07:00 часот „Празнична утрена – Света Литургија (08:30 часот),
10:30 – Благословување на кумскиот колач,
11:00 Литија на иконата Богородица „Цвет кој не венее“ кој ќе ја благослови Гевгелија;
По ова во црковниот двор одбележувањата ќе продолжат со настап на ансамблот „Македонија“, како и оркестарот „Полифонија“, а во 13:00 часот ќе биде послужен сенароден ручек за празничните посетители на црковниот храм.
– „Свети Кирил и Методиј, се заслужни што станавме Народ Словесен ! Народ Божји ! Света Православна Црква Христова Македонска, благодарение на нив, научивме да читаме и пишуваме, да се изразуваме духовно и интелектуално“ – потсетуваат од Гевгелиското архиерејско намесништво со објава на празничната програма по повод Денот на Сесловенските просветители, која што освен црковни одбележувања има и световни и граѓански карактеристики. Во чест и благодарност на големите браќа Кирил и Методиј.
Добредојдени се сите на празничната програма во Гевгелија што ја организира црквата „Св. Кирил и Методиј“. Еве ја и лично поканата од старешината на црквата, протоереј Русе Жекоски.