Општинската комисија за проценка на штети од елементарна непогода изготви Eлаборат за проценка на штети настанати од невремето со град што ја зафати Гевгелија и уште четири населени места во март годинава и истиот го достави на усвојување пред членовите на Советот на општината.
За невремето од март 2024 година на територијата на општина Гевгелија со населените места Гевгелија, Мрзенци, Негорци, Милетково и Богородица на ден 7 и 12.03.2024 година штети пријавиле 55 физички лица и правни субјекти, односно доставени се 49 приватни пријави и 6 од правни лица.
Проценето е дека невремето зафати површина од 422.348 метри квадратни, односно 42,2348 хектари земјоделска површина, насадени со различни култури, а оштетувањата на посевите се движат од 20 до 100% во зависност од теренот каде е земјиштето и интензитетот на врнежите од град.
Најголеми оштетувања на посевите се констатирани во Негорци, 17,14 хектари, потоа во Мрзенци 10,05 хектари, Гевгелија 9,04 ха, Милетково 4,49 ха и Богородица 1,49 ха.
Сите 49-те приватни лица заедно имаат речиси еднакви површини на оштетени посеви како и пријавените 6 правни лица (21,2477 ха), индивидуалните земјоделци пријавиле штети на 20,9871 ха.
Вкупната штета од елементарна непогода, невреме со град, во општина Гевгелија е проценета на 29.035.339 денари (околу 472.120 евра). Од тоа вредноста на оштетените посеви изнесува 5.066.990 денари, а на целосно уништените посеви вредноста изнесува 24.028.340. Тоа значи дека 83% од посевите погодени со невремето со град се целосно уништени.
Најголем дел од посевите се винови насади, земјоделски насади и овошје.
Правните субјекти кои пријавиле штета се: „Вики компани“ Гевгелија, „Алдеми“ ДООЕЛ, ИЗ „Витомир Илин“, „Грин Ар“ ДООЕЛ, ДПТУ „Ветеринар“ ДООЕЛ, ИЗ „Авин“ Негорци. Се’ вкупно заедно имаат пријавено штета од 14.427.361 денари.
Општинската комисија за проценка на штети од елементарна непогода невреме, работеше според метологијата за проценка на штети од елементарни непогоди „Службен весник на РСМ“ бp.181 oд 5 Aвгycr, 2021.
Изработениот Елаборат е на разгледување пред членовите на гевгелискиот Совет на денешната 42 редовна седница, која се’ уште трае, со цел да биде разгледан и усвоен. Конечната одлука за надомест на штетите треба да ја донесе Второстепената комисија при Вадата на РСМакедонија.