СОС “ДЕТСКО СЕЛО” – Скопје по втор пат присуствува со промотивен штанд во Гевгелија, со цел ширење на пораката и целите од програмата “Стани згрижувач” наменета за деца без родителска грижа, под работното мото „Подај рака и промени живот!“
Ова е во знак на одбележување на 1 јуни, Светскиот ден посветен на згрижувачките семејства, на лицата кои посветиле грижа и љубов, заштита, воспитување и иднина на дете, или деца кои останале без родителска грижа.
Гевгелија веќе стартуваше со учество на оваа хуманитарна животна програма за оваа категорија деца, со активирање на четири згрижувачки семејства од општината кои згрижуваат исто толку деца. Дел од нив беа денеска на настанот кој се организираше на плоштадот „Фонтана“ во Гевгелија и ја споделија радоста што згрижувачите нашлe сила, љубов и интерес да станат згрижувачи и да ги усреќат овие деца.
За оваа мисија на сподлена грижа и љубов за GevgelijaNet изјава даде Наде Качакова, директор на СОС “Детско село”, која потсети на условите како може да се стане згрижувач, начинот на аплицирање, финансиската поткрепа која ја добива семејството, стручната подготовка и педагошка едукација за да се одговори на потребите на детето да се чувствува среќно, згрижено и сакано, како што треба да се чувствува секое дете.
Пред нашиот објектив се обрати и Васка Илиева, директор на Центарот за социјални грижи Гевгелија, институција која е соработник во програмата.
На настанот беа присутни и претставници од локалната самоуправа кои даваат поддршка на оваа згрижувачка мисија на СОС „Детско село“ – Скопје.
Доколку ве интересира да станете дел од овој мал хуман тим на згрижувачи од Гевгелија, и сите кои се заитересирани и ќе наидат на оваа порака, можете за повеќе информации да ја посетите ВЕБ страницата на СОС „Детско село“ www.zgrizuvanje.mk или да се обратите на телефон 075/277-447.
- „Во твои раце е можноста да промениш нечиј живот, зошто СЕМЕЈСТВОТО значи ЉУБОВ, ПРИПАДНОСТ, СИГУРНОСТ, ГРИЖА И ЗАШТИТА!“ – велат од организциониот тим на СОС.