Дури 800 милиони евра потрошиле граѓаните во коцкарниците и обложувалниците лани, пресмета порталот Пари. Чистата добивка на 58-те регистрирани субјекти изнесува 70,4 милиони евра.
Една од најпрофитните е „Државната лотарија“, со добивка од 19,5 милиони евра. Зад нив се „Макотен“ со 5,7 милиони евра, „Сенатор Македонија“ со добивка од 2,2 милиони евра и „Принцес“ казино и хотел со добивка од 2,0 милиони евра за 2023 година.
Компаниите кои се занимаваат со обложување и игри на среќа имаат дури 7.745 вработени и се сериозен полнач на државната каса, што со придонеси за вработените, што со даноци. Просечната плата во оваа индустрија за игри на среќа е 33.383 денари.
- „За нив често се кршат копјата околу отворените прашања, како што се: „Треба ли да ги има во толкав број, треба ли да се менува регулативата за нивната одалеченост од училиштата?“ … Но, додека копјата се острат и тапат, бизнисот се шири и ако нешто во државава се гради, тоа се, дефинитивно, објекти за игри на среќа и обложување“, констатира порталот „Пари“.
Во февруари годинава, мнозинството од претходниот парламентарен состав во Македонија ги изгласа измените во законот за игри на среќа, со кои беше планирано објектите за обложување и игри на среќа да се оддалечат 500 метри од училиштата. Сепак, законот прво не го потпиша тогашниот шеф на државата Пендаровски, а во вториот обид, не доби доволно гласови за да биде изгласан.
„Среќата со пари не се купува“ – вели народната мудрост, ама ете желбата за среќа носи огромен промет за приредувачите на игри на среќа, но и огромна добивка.