Екипата на ТППЕ Гевгелија после петчасовна успешна акција успеа да го локализира пожарот кој денеска изби помеѓу населените места Негорци и Серменин.
– „Пожарот е пријавен во 14:45 часот во ТППЕ Гевгелија и веднаш на терен беше упатена екипа составена од 7 пожарникари со три возила од кои две теренски и едно противпожарно возило. Пожарот избил на десната страна од патот Негорци – Серменин и навлегол во шумскиот појас на Кожуф, горејќи нискостеблеста и мешана шума. За сега не е позната територијата на опфат на пожарот. Истиот е локализиран во 19:30 часот. На помош беа и 5-мина вработени од Шумско стопанство „Кожуф“ Гевгелија. Теренски дежурни служби на ШС „Кожуф“ останаа ноќва да дежурат на локацијата со цел да го контролираат местото на опожарувањето да не се разгорат веќе изгаснатите згаришта“ – изјави за GevgelijaNET командирот на ТППЕ Гевгелија Игор Ризов.
Командирот Ризов од името на ТППЕ Гевгелија упати АПЕЛ до граѓаните да бидат внимателни при престојот во природа, особено во шумските предели каде веќе поради топлото време и сушниот период вегетацијата е сува и лесно запалива.
Тој потенцираше дека локацијата на почеток на денешниот пожар укажува на човечки фактор, па потребата од внимание, совесност и одговорност е императив во ова екстремно топло време за кое предупредува и УХМР и ЦУК, за да се избегнат несакани опожарувања, штети и загуби во имот и општествено добро, како што се нашите шуми.