Гевгелија попладнево повторно со нестабилно време проследено со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и краткотрајни врнежи од град.
Интензитетот на врнежите поплавија некои улици во Гевгелија, падна град во Миравци, Милетково, Серменин, невреме го погоди и Валандово, паднати дрвја на регионалниот пат Пирава- Валандово.
Управата за хидрометеоролошки работи јавува за наврнати 20,1 литри дожд на еден метар квадратен во Гевгелија, а нема податок за Валандово. Сепак поројните налети со верер, грмотевици направија штети на посевите, по домовите.
Жители на ул.”Илија Миов” до нашата редакција испратија видео за поплавената улица од денешниот пороен дожд. Се жалат дека гаражите, подрумите им се поплавени. Фрлаат кофи со вода надвор, а улицата е претворена во река од дождовница.
Прашуваат зошто атмосферската канализација не ја прима дождовницата туку истата тече над шахтите и во нивните дворови.
Поплавена е и Старата градска чаршија во Гевгелија, калдрмисаната патека е покриена со дождовница од врнежите и од олуците чија дождовница се слева долж чаршијата:
Жители на Миравци јавуваат за невреме со врнежи од град во Миравци и Милетково. Настрада и миравчкото поле. Тоа се села од подножјето на Кожуф, а малку погоре на Кожуф, во село Серменин исто имаше врнежи од град:
Во Валандово глетката после дождот беше ваква, со паднати дрвја на патот Валандово-Пирава.
Радио Валандово известува и за поголеми штети, велат „Силниот ветар проследен со врнежи од дожд и град денес во попладневните часови корнеше и кршеше дрвја, соларни системи, ролетни, покриви, керамиди, земјоделски насади во Валандово и општината“. (Фото: Радио Валандово)