Пожарот во шумските предели на планината Кожуф помеѓу населените места Негорци и Кованец, гевгелиско започна во петокот на 12 јули во 12:30 часот и до денеска, веќе петти ден по ред продолжува да е активен.
Силите на ТППЕ Гевгелија со помош на вработени од ШС „Кожуф“ Гевгелија секој ден се на терен, пожарот секој ден се става под контрола, но во текот на ноќта, со присуство на ветрот, истиот повторно се разгорува.
Вчера објавивме дека пожарот изгоре околу 80 хектари мешовита шума, денешниот извештај вели дека под налетот на огнот до сега има изгорено околу 100 хектари мешовита шума од даб, смрека, габер, прнар, сува трева.
- „Поради специфичноста и недостапноста на теренот, пожарот кај Кованец се следи од страна на 3 пожарникари со 1 теренско возило од ТППЕ Гевгелија и 20 вработени во ЈПНШ-подружница – “Кожув“ Гевгелија. Еден крак од пожарот е активиран и гори мешана нискостеблеста шума према с.Серменин. ЈПНШ- подружница „Кожув“ и ТППЕ Гевгелија секој ден со настапот на ноќта се враќаат од терен поради непрегледност и неможност да се дејствува, а од денес изутрина повторно се договорија за заедничко дејствување“ – известуваат од ЦУК.
Во последното деноноќие во државата имаше вкупно 31 пожари на отворено, од коишто активни се уште се 12 пожари, меѓу нив и пожарот во Гевгелискиот атар, во близина на селото Кованец.