Српскиот тенисер вчера за два часа игра го совлада својот ривал Лоренцо Музети во полуфиналето на ОИ со резултат 2:0 (6:4, 6:2) и така закажа дуел во големото финале на Олимпијадата во Франција со Карлос Алкараз.
По обезбедениот влез во финалето на ОИ Ѓоковиќ со солзи во очите му испрати моќна порака на Алкарас: „Не планирам да застанам тука!“
Двајцата неодамна играа на „Вимблдон“, а токму тоа финале му припадна на младиот Шпанец.
Сепак, оттогаш работите се променија бидејќи српскиот ас се опорави од повредата на коленото и се претставува многу подобро на теренот отколку пред еден месец.
Ѓоковиќ пред финалето на Олимпијадата вели:
– „Ова е петта Олимпијада за мене и првпат ја минав непремостливата препрека. Загубив во три полуфиналиња, останав без три медали. Сега донесов медал за Србија и тоа е огромен успех“- вели Ноле.
За дуелот со разиграниот Алкараз вели:
– „Не би сакал да се занимавам со минатото, секој натпревар е приказна сам за себе. Во финалето ќе пристапам со најголема можна желба да и донесам злато на Србија. Исто така, најголемиот предизвик на овој турнир, воопшто во тенисот, е да се игра против Карлос во финалето. Го победив на големи натпревари, знам што треба да направам, се чувствувам добро, ако излезам со врвна игра имам шанси“, додаде Ѓоковиќ.
Дуелот Ѓоковиќ – Алкараз на олимписката програма ќе се игра утре, недела во 14 часот.