Македонската песна и ора во изведба на ансамбл „Бојмија“ од Гевгелија се концертно изненадување за посетителите на 39-от Интернационален фолклорен фестивал во градот Термоли во Италија.
Фестивалот започна на 7 август и трае до 10 август. Гевгелиските играорци од југот на Македонија продефилираа заедно со сите ансамбли, и уметници низ улиците и плоштадот на Термоли до фестивалската сцена. Низ улиците одекнуваа тапаните и познатите македонски песни „Македонско девојче“, „Јовано, Јованке“, „Илија, бекрија“ и звуците на други изворни македонски ора.
Колоритната носија, разиграните девојки, снажните ора изведени од машкиот дел на ансамблот ја пленија публиката во Термоли.
- „Оваа година фестивалот е домаќин на групи од различни земји, меѓу кои Словачка, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Португалија и Бугарија, како и неколку италијански групи од Калабрија, Пуља, Лацио и Молизе“, велат организаторите.
- „Секоја вечер е експлозија на бои, звуци и традиции, што ѝ овозможува на јавноста повторно да ги доживее древните народни обичаи“ – оценуваат организаторите на фестивалот.
Дека колоритот на костимите од различните делови од светот се посебен амбиент на фестивалот зборува и фестивалското дефиле
Придружувани со песната „Македонско девојче“ одат кадрите од нашите претставници од Македонија на оваа традиционална фолклорна парада на културата и традициите низ светот.
Нема поубаво девојче од македонско девојче и нема поубави играорци од македонските и нашите претставници од Гевгелија.
По аплаузите кои ги собраа во Италија ги очекуваме со нови признанија за нивниот успешен настап во Италија.