Советот на општина Гевгелија вчера на одржаната 46-та редовна седница го верификуваше мандатот на новиот член од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ивана Чабулева.
Советот на Општина Гевгелија ѝ го верифицираше мандатот на Чабулева согласно издаденото Уверение за избор на нов член од страна на Општинската изборна комисија- Гевгелија и по констатирањето за престанок на мандат на претходниот член на Советот на Општина Гевгелиија, Слаѓана Стаменковска.
Стаменковска од неодамна е именувана за директор на КПУ „Затвор“ Гевгелија и според Законот за локална самоуправа не може да обавува и раководна и самоуправна функција како член на локалниот општински Совет.
Ивана Чабулева доаѓа од 14-та позиција од кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2021 година.
На седницата не беше објаснето зошто нов член на советот не е носителот на 10-та позиција од кандидатската листа на ЛОИ 2021 од ВМРО-ДПМНЕ, Лазар Шуклев. Носителот на 11-та позиција Саша Јованов во меѓувреме е именуван за в.д. директор на НУ „Музеј“ Гевгелија. Не е одговорено зошто се прескокнува носителот на 12та позиција од кандидатската листа, Зуица Караколева, зошто носителот на 13та позиција Боки Митров е изоставен од можноста да стане член на совет како кандидат номиниран повисоко на изборната листа за советници на оваа партија.
Претседателот на ОИК за Гевгелија, Митко Ризов, појасни дека според Изборниот Законик на Македонија во случај на кооптирање на нов член од изборна кандидатска листа кога разрешениот член е жена се дополнува со нов член од женскиот состав на листата за да се задржи родовиот баланс во Советот на општина Гевгелија.
Советниците на вчера одржаната седница го верификуваа мандатот на Чабулева, а потоа таа даде свечена изјава во која го изостави уставното име на државата.