Пеачката група при Здружението на пензионери од Гевгелија учествуваше на годинашниве 36-те Охридски староградски средби.
Во програмскиот дел пред тамошната публика, љубителите на староградски песни гевгелиските пензионери настапија со домашен репертоар, песните од нашиот крај, од гевгелиско: „Сношти минав покрај рајска градина“, „Јана грло заблело“, „Софка на татко“ – сценска изведба.
Настапите се секогаш со мерак презентирани, со топлината на гевгелискиот мелос за љубов, за севда, за грижа, за мерак не одминлив.
Поголемиот дел од екипата гевгелиски пеачи е позната по своето членство и настапите во ансамблот „Распеани Гевгеличани“ па песната и сцената не им се нови, иако се нови пензионери.
Да им посакаме уште успешни настапи и заслужени аплаузи за добро презентираната македонска и гевгелиска староградска песна.
Инаку, „Охридските Староградски Средби“ се враќање кон градските традиции, а нив гевгелиските ансамбли ги негуваат уште од минатиот век со формирањето на градските ансамбли, пеачките друштва, градските музички староградски групи инструменталиси и пејачи.
На сцената на традиционалната манифестација „Охридски староградски средби“ годинава настапија, покрај гевгелиската пејачка група на Здружението на пензионери од Гевгелија и групите:
Градскиот хор „Вокс Лихнидос“ – Охрид,
ЗП Градски Хор – Штип,
Вокален Октет – Прилеп
Ансамбл „Вања Лазарова“ – Скопје
ЗП Пеачка група – Гевгелија
ВПГ „Ѓердан“ – Штип
КУД „Далги“ при ЗП Охрид и Дебрца.
Сите групи настапија на сцената пред платото на НУ Центар за култура “Григор Прличев” во Охрид.
Манифестацијата е значаен придонес кон зачувување на наследството на староградските мелодии и вредности, потсетувајќи не на културното богатство кое живее низ вековите.