Aктуелниот државен првак во шах на Македонија, Интернационалниот мајстор (ИМ) Тони Лазов донесе сребрен медал за Македонија на втората табла на 45 Шаховска oлимпијада во Будимпешта, Унгарија. До овој фантастичен перформанс актуелниот шампион на Македонија стигна освојувајќи 7,5 поени од 8 одиграни партии.
Тој постигна рејтинг перформанс од 2763 рејтинг, само 20 помалку од златниот медал што му припадна на чешкиот ВМ Таи Даи Ван Уин (2647 рејтинг).
Лазов игра во одлична форма последниве две години, при што претходната година на Европското екипно првенство освои велемајсторска норма, која и овојпат му беше на дофат. Со освоени извонредни 7,5 бода од 8 партии (со седум победи, од кои две извојувани на првата табла, и само со едно реми), тој се етаблираше како иден лидер на националната селекција.
Ова е голем успех за 24-годишниот Лазов кој се приклучува кон „клубот на медалисти“.
Во минатото, од македонските шахисти, медал на Олимпијадите имаат освоено само Трајко Недев (бронза) во 1996 во Ереван, Драгољуб Јаќимовиќ (злато) во 2000 во Истанбул и Владимир Георгиев (сребро) во 2004 година. Со освоениот сребрен медал на Лазов ова е четврти пат еден македонски репрезентативец да се закити со медал на најголемото шаховско натпреварување.
Дваесет и четиригодишниот Тони Лазов е најмладиот носител на шаховски олимписки медал во Македонија, а кариерата ја започнува во шаховските школи на ШК Алкалоид, активно играјќи шах од својата 10-годишна возраст.