Противпожарните сили во Дојран и Гевгелија денеска мораа да интервенираат на два пожара во текот на денот – Гореше депонијата кај месноста Карач, имаше пожар во с.Николиќ, а поради силниот ветер во Гевгелија имаше голем бројни јавувања за интервенции на специјалниот број за помош 112.
- „Интервенцијата на противпожарните сили заврши во 19:30 часот, бидејќи после заоѓањето на сонцето се оневозможи прегледноста на терен. Интервенираа доброволните пожарникари од ДППД „Дојран“ помогнати од 4 член тим пожарникари и две ПП возила од ТППЕ Гевгелија. Гасневме со вода, а се знае депонија не се гасне со вода туку со затрупување и задушување на огнот, да нема кислород неопходен за горење. Но, тоа се нашите средства за интервенција“ – изјави за GevgelijaNet Стојан Шулев, претседател на Доброволното противпожарно друштво од Дојран.
Тој оцени дека опасност за опожарување од поголеми размери со тлеењето на депонијата нема, бидејќи околу неа е направен заштитен чист појас, кој е одбранбена линија од околниот шумски простор.
- „Понатаму работите треба да ги превземе комуналното претпријатие во Дојран со затрупување на депонијата и задушување на огнот. Тоа веројатно ќе следува во текот на утрешниот ден“ – додаде Шулев.
Освен пожарот на депонијата помеѓу Нов и Стар Дојран во месноста Карач, доброволните пожарникари денеска попладнево, околу 18 часот, мораа да интервенираат и на пожар во с.Николиќ. Овде била опожарена сува трева и ниска вегетација. Денес во селото имало свадба, па се претпоставува дека причина за пожарот е човечко невнимание и небрежност за последиците од фрлениот опушок неизгасната цигара.
Ноќва жителите на месноста Карач поради ветрот повторно ќе ја чувствуваат близината на опожарената депонија.
Фото: ДППД „Дојран“ од Дојран