Кога нешто е убаво, прифатено и со резултати кои се паметат тогаш прераснува во традиција.
Така членовите на ЗПСК „Кожуф“ од Гевгелија и годинава по трет пат ја организираа акцијата „Родители и деца“ овој пат со дестинација кон убавините на с.Ума, со цел популаризација на планината, природните убавини кај најмладите од нашата заедница.
На денешната акција се одзваа над 100на дечиња со своите родители, некои пешачеа самостојно, а некои на рамењата на своите татковци.
Акцијата беше спроведена во висините на планинското село Ума од каде почна прошетката низ природните убавини на Кожуф.
Почеток на акцијата беше црквата „Св.Богородица“ во с.Ума во 10 часот. Се пешачеше по кратка патека до караулата, на сртот од Кожуф со поглед кон Грција, во должина од околу 4 километри, одење и враќање.
По пат се пееја песни, се препознаваа боите на есента кои се прелеале во амбиентот на Кожуф, а видикот беше светол и убав со предизвик за селфи.
После убавата прошетка следуваше ручек, интерактивни игри и забава за децата, како и спортски игри за возрасните со теглање јаже и други умешности.
![](https://gevgelijanet.com/wp-content/uploads/2024/10/5-f-750x536.jpg)
![](https://gevgelijanet.com/wp-content/uploads/2024/10/4-f-750x536.jpg)
![](https://gevgelijanet.com/wp-content/uploads/2024/10/6-f-750x536.jpg)
Домаќини на средбата со децата и природата на Кожуф беа мештаните од с.Ума, а на прошетка до Караулата ги однесе долгогодишната жителка од овој крај Мирјана Дојранлиева со планинарите од ЗПСК „Кожуф“. Се знае, домаќинско добредојде за саканите гости, посебно за дечињата.
Се’ на се’ исполнет ден со чист воздух, рекреација, дружење и забава.
Акцијата „Родители и деца низ убавините на с.Ума“ ќе остане запаметена од радосните деца кои позираа со насмевки, а до година со веќе стекнатото искуство може да се вратат пак на прошетка во планина со планинарите, или со родителите.
![](https://gevgelijanet.com/wp-content/uploads/2024/10/2-2-f-750x536.jpg)