Пејачка од рангот на Евровизиска претставничка на Македонија, Тамара Тодевска лансираше нова песна „Никој како ти“ во соработка со гевгелискиот музичар Коста Хаџикојчев. Станува збор за нова поп-песна, чиј автор на текстот, музика и аранжманот е Коста.
Видео спотот се снимаше на неколку локации во Скопје, во централното градско подрачје, а е во режија на Billy D.
Во видео записот доминираат двајцата артисти, кои ја раскажуваат приказната на „Никој како ти“.
– „Песната ја работевме во текот на летото, во студиото на Коста и уште на прва ми се допадна. Морам да бидам искрена и да кажам дека „Никој како ти“ ми има и ретро момент и малку ме потсетува на времето кога поп музиката во Македонија навистина беше на едно завидно ниво. Спотот го снимавме во една вечер, во Скопје. За време на снимањето навистина беше динамично, по малку ладно, но како екипа задоволни сме од крајниот резултат“, посочува Тамара.
Коста со голема возбуда и радост говори за овој музички проект, кој е еден од неговите најголеми достигнувања во кариерата.
– „Пресреќен бев кога артист од рангот на Тамара прифати да ја снимаме оваа песна. А, во врска со спотот… тоа е друга приказна. Уште во текот на сетот на сите им зборував дека имам и трема, и среќа и неверување дека снимам со Тамара Тодевска. Но, сите тие измешани емоции и чувства мислам дека уште повеќе придонесоа кон квалитетот на видео записот“, исктакна Коста.
Тамара три пати учествуваше на Евровизија како пратечки вокал на Тоше Проески во 2004, како самостојна претставничка во 2008 година и како придружен вокал на својата сестра Тијана во 2014 година. Ете од каде тремата на Коста која се покажа за продуктивна во соработката со Тамара.
Песната „Никој како ти“ веќе е достапна на сите музички платформи.