– „УСПЕАВМЕ!!! – објави денеска градоначалникот на општина Дојран Анго Ангов на социјалните мрежи
Тој потенцира дека по иницијатива на општината Владата прифатила информација за состојбата со езерото и го задолжила Министерството за животна средина и просторно планирање да одвои средства за реконструкција на хидросистемот и истиот да биде пуштен во употреба.
Со тоа треба да се застане на патот од нова еколошка катастрофа поради сушниот период, но и едногодишното нефункционирање на Хидросистемот кај Ѓавото за полнење на Дојранското езеро.
– „По наша иницијатива и силни заложби, пратената информација од страна на општина Дојран до Владата на РСМ е прифатена и е задолжено Министерството за животна средина и просторно планирање да одвои средства за реконструкција на хидросистемот и истиот да биде пуштен во употреба“ – објаснува Ангов.
Тие денеска добиле писмен одговор од Владата на Македонија во кое се вели дека информцијата на општината е прифатена, а задолжено е МЖСПП да предвиди и алоцира средства во Буџетот за 2025 година за реконструкција на хидросистемот „Спас на Дојранското езеро“ и негово ставање во функција за да обезбеди дотур на вода во Дојранското езеро, со цел спречување на голема еколошка катастрофа.
Овој факт, прифатеното барање од општина Дојран и одлука за активирање на системот кај Ѓавото од страна на Владата го оправдуваат со сегашната состојба на езерото чие ниво на водостојот е 76 сантиметри под дозволениот минимум за еколошка одржливост на езерото.
Владата одлуката за ставање во функција на хидросистемот кај Ѓавото со кое се полнеше изминативе години Дојранското езеро и се спаси од изумирање пред две децении, ја донесе во вторникот, на редовна седница одржана на 5 ноември.
– „Силните заложби вродуваат со плод!“ – констатираа од локалната самоуправа во Дојран, видно задоволни од правилната и брза реакција на Владата.
Хидросистемот кај Ѓавото е долг 20-на километри и од март 2022 година е ставен вон функција, а езерото оставено на немилост на природата. Годинашнава сушна сезона која се’ уште трае предизвика намалување на водостојот на езерото, а тоа може да придонесе и кон драстични промени во биодиверзитетот на езерото. Затоа е потребна интервенција од институциите за спречување на еколошка катастрофа која езерото не ја заслужува.