Втора година по ред во Гевгелија, во чест на 17 ноември, Светскиот ден на прематуритетот (предвремено родени деца) храбрите победници одржаа собир на мајки и деца кои се предвремено родени.
На собирот присуствуваа 30-на мали херои, дечиња од нашата средина кои се избориле за живот, придружувани од своите мајки, секој од нив со своја уникатна животна приказна за преживување, после предвременото напуштање на мајчината утроба, одржувањето во живот во инкубатор, медицинската грижа и прегратката со своето семејство.
Рекордер во тој успех во Гевгелија е малиот Лука роден во 28-та гестациска недела со 720 грама тежина. Лука покрај предизвикот да порасне во инкубаторот, исто така преживеа и канцер на црниот дроб , за кој мораше да му се трансплантира нов на возраст од само 2 години. Овој мал борец сега е детенце кои радосно се смешка.
Најмалиот рекордер по предвремено раѓање со најмал број на гестациски недели е Драган роден 27 г.н. и 920 грама родилна тежина. Републичкиот рекордер во предвремено раѓање е со 700 грама родилна тежина во 23-та гестациска недела, роден во Скопје.
Настанот се одржа во игротеката „Мали рачиња“ во Гевгелија. Се играа се дружеа малите големи борци во дружба со други мали соборци во проеживување како предвремено родени.
Катерина Божиноска од Гевгелија е мајка на две предвремено родени деца и самата ни’ сподели импресии од средбата и искуства од битката за живот на своите рожби.
– „На средбата беа присутни децата кои се предвреме родени , скоро сите се родени во ГАК Скопје поради тоа што тука локално нема стручен кадар и услови во кои би можело да се одржи во живот мало бебе особено во помалите гестациски недели. Многу често овие деца се во критична состојба уште во стомакот на мајката па се препраќаат во Скопје“ – вели Божиноска за GevgelijaNet.
– „Јас сум мајка на две предвремено родени дечиња, едното 27 г.н. со 920 грама, другото во 29 г.н. со 1.140 грама родилна тежина. Помалото беше доста критично и одржувано на респиратор еден месец“ – вели Божиноска која е среќна мајка на малите борци.
Грижата како мајка ја натерало да бара светли, позитивни резултати од медицината за шансите на нејзиниот борец на респиратор.
– „Јас барав друго дете со таков апгар дали постои шанса да нема последици и од околу 30 жени што ги контактирав со такво искуство од Србија и Македонија, сите дечиња беа со последици , само едно не. Мојот оптимизам го положив на преживувањето на тоа дете и верував во тоа дека и моето дете има шанси да биде нормално. Среќата е преголема за нас. Тогаш сватив колку значи да имаш подршка. И затоа станав поактивна во групите за подршка. И случајно дојде до собирот на локално ниво во Гевгелија“, – вели храбрата, пожртвувана и истрајна мајка од Гевгелија, нашата млада соговорничка Катерина Божиноска.
– „Никој никогаш не ви кажал дека може без бебе да си отидете дома.
Никој никогаш не ви кажал дека целиот свет ќе продолжи со живот а вашиот ќе остане во болница, а и дека болката и надежта ќе траат со месеци.
Никој никогаш не ви кажал дека нема да смеете да го допрете своето бебе, да го гушнете или да му прошепотите дека сте тука со него.
А и никој никогаш не ви кажал дека токму тоа најмалото може да биде најсилно, најхрабро и најборбено и може да ги подмести границите на очекуваното и возможното.
Такви се најмалите. Најсилни!
Да се подигне свеста за предвременото раѓање, бидејќи никој никогаш не кажал!“
Ова го напиша Божиноска на социјалните мрежи во чест на Денот на предвремено родените деца, 17 ноември
Колку е важна силата на бебенцето да се избори за живот и исчекувањето на мајките додека се одвоени од своето чедо, е приказ на овие насмеани лица од собирот посветен на Светскиот ден на предвремено родените деца.
Ние им посакуваме среќа на овие силни дечиња и на нивните мајки во понатамошниот живот!