Инвестиција од 8 милиони денари наменети за изградба на атлетска патека во Гевгелија вложува Министерството за спорт на РСМ, а министерот Борко Ристовски, вчера го посети нашиот град за да го најави почетокот на градежните работи за реализација на истата.
– „Ова е еден од капиталните инвестиции во спортот за кој се залага Министерството. Не може да очекуваме резултати во спортот, ако не вложуваме во спортската инфрструктура. Овој проект денеска започнува со реализација. Ние ветивме дека ќе биде готов во текот на 2025 година, но еве сега најавуваме дека ќе биде готов до крајот на годината. Атлетска патека на која може да спортуваат атлетичaрите, но и сите спортисти и рекреативци“ – изјави министерот во Гевгелија.
Атлетската патека според проектот ќе биде долга 320 метри, ќе има 4 ленти за трчање со севкупна ширина од 5 метри.
Спортската инестиција се гради на локација кај поранешна Касарна, во близина на постојното тениско игралиште, а изведувач е фирмата „Битем“ од Скопје.
Целата иницијатива за градење на атлетска патека потекнува од членовите на Атлетскиот клуб „7 Ноември“ во Гевгелија кои со своето петгодишно постоење како клуб најавуваат амбиции за големи спортски настани, и потреба од современа атлетска патека за тренинзи, за рекреација, и секако за одржување на спортски настани на професионално изградена современа спортска патека.
Оваа иницијатива ја образложи Драган Ристов, еден од оснивачите на АК „7 Ноември“ при првата посета на министерот Борко во Гевгелија. Подоцна иницијативата доби поддршка и од општина Гевгелија за одобрување локација, стана дел од буџетот на Министерството за изградба на спортска инфраструктура и, еве конечно, изградбата започнува, иницијативата се реализира на дело.
На овој настан секако присуствуваа иницијаторите, членови на Ак „7 Ноември“ кои искажаа благодарност за слухот на министерт Борко за потребите на спортистите.
Градоначалникот на општина Гевгелија Андон Сарамандов ги искажа заложбите на општината за развој на спортот, вложувања во спортот и поддршката на овој проект со обезбедување на соодветна локација која со други инфраструктурни зафати треба да прерасне во нов спортски центар во Гевгелија, кај Касарна.