Дотераната елита од сите сфери на живеење, се собра, синоќа, во Националната опера и балет каде, традиционално, 7-ми пат по ред, се одржа манифестацијата „Мажи на годината“.
На гала вечерта исполнета со гламур, беа доделени признанија во повеќе категории за мажи кои ја одбележија 2024, со својот ангажман и работа.
Главната награда маж на годината, како и награда за маж на годината според организаторите „Gentleman Magazine” и „Friday Communications” ја доби директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.
Организаторот оваа вест ја сподели со изјавата:
– „✨ Пожарникарите на чело со Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов се Мажи на годината за 2024! ✨
Ова признание беше доделено за нивниот храбар и посветен труд во борбата со големите пожари кои ја зафатија Македонија, каде нивната посветеност спаси бројни животи и ги заштити природни ресурси. И покрај тешките услови и предизвиците со кои се соочија, тие не се откажаа.
Честитки херои, вие сте пример за идните генерации!“
Награда според социјалните мрежи за маж на годината доби комичарот Љупчо Крстевски, кој имаше видео обраќање во кое се заблагодари и кој оправдано не се појави на настанот затоа што токму вчера станал татко.
13 мажи во 13 категории беа наградени како мажи на годината, а награда за посебен придонес во културата добија Драган Спасов Дац и Александар Митевски.
- „Ласкаво е да бидеш маж на годината. Маж на годината – ќе ги „утепам од зафркавање“ оние по кафеани кога ќе одам. Јас сум маж на годината, ејјј… Сите овие категории се фантастични и на сите им честитам, но има една категорија на којашто посебно ќе ѝ дадам значење, а тоа е маж на годината во сопствениот дом, на сопствената жена“, рече синоќа, Дац.
„Благодарам и јас за ова признание, благодарност до организаторите и оние што номинираат. Би сакал само кратко да ги поздравиме нашите сопруги, семејствата и женската публика на која ѝ ја посветивме цела оваа година, но и сите години наназад и сите песни што ги правиме“, изјави, синоќа, по повод признанието, Митевски.