На денешен ден пред 13 години, (6 декември 2011), Македонија се прости со најголемата фолк ѕвезда… со секогаш насмеаниот, пријателски расположен за песна и дружба и секогаш подготвен да им помогне на сите… Гоце Арнаудов.
Неговите песни се пееја, се пејат и ќе се пејат, тој на секоја песна и даваше душа и ја пееше од душа и со неговата интерпретација беше и ќе остане незаменлив. Тој голем човек на македонскиот народ му го остави своето најголемо богатство, своите песни.
Една од последните негови песни е темата „Песно моја“ во која тој пее:
Песно моја биди жива
Кога мене ќе ме нема
Кога ќе се јавам јас пред Бога
Може лесно да ме бришат
Можат грешки да ми пишат
Но, сведок ти ќе останеш.
Синоќа во Струмица беше одржан концерт во негова чест на кој настапија многу познати музички имиња: Ленче и Горан Кучиќ, Миле КУзмановски, Елена Велевска, Александар Тарабунов, неговата ќерка Кристина Арнаудова која го носи неговиот пејачки талент, Александра Јанева, Ламбе, Огнен Здравковски, Бока Конга, Јовче Пандев, Мартин Кириловски, Борис и Биллјана Димови и градскиот мешан хор од Струмица.
Еве дел од песните на Гоце кои ги пееја неговите музички колеги, струмичани и естрадни уметници.
Гоце Арнаудов е роден во Струмица на 19 август 1959 година. Уште на 10-годишна возраст почнува да свири на гитара и да пее во групата на неговиот татко. По завршувањето на средното образование ја формира групата „Крик“, со која се претставувале низ цела поранешна Југославија. Гоце се враќа во Македонија во 1993 година и за кратко време ги освојува симпатиите и признанијата на својата публика и на музичката критика и каде и да учествува предизвикува еуфорија, а речиси на сите фестивали ги освојува првите места.
Во 1994 година на Фолк Фест „Валандово“ со песната „Дали чекаш стара мајциче“ ги освојува сите можни награди, а таа песна се уште е меѓу омилените фолк песни на македонската публика.
Тој зад себе остави 200 песни, учествувал на стотина фестивали, од кои на преку 60 има добиено прво место. Пет години е прогласуван за најпопуларната личност на Македонија. Учествата на фестивалот Фолк Фест „Валандово“ му донеле 22 награди, а неговите песни многу пати ги имаат добиено наградите на публиката и на телевизискиот аудиториум.
Почивај во мир легендо!