Големиот влажен бран овој викенд донесе нови врнежи од дожд, а на планините снег. На Попова Шапка се формира трајна снежна покривка од 40 cm снег, во Маврово 28 cm, Крушево 4 cm и во Лазарополе 1 cm.
Снег има по патиштата и на превоите.
Поради наврнат снег, во саботата од 14:10 до 19 часот ЦУК извести за забрана за движење на тешки моторни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража.

Екипи за чистење на патиштата вечерва интервенираа на превојот Стража кој се наоѓа на надморска височина д 1.212 метри помеѓу Полошката и Кичевската Котлина. Препораката за претпазливо озење останува.
Најмногу врнежи имаше во западната половина од Македонија, па така до 19 часот вечерва во Охрид наврнаа 30 литри дожд на метар квадратен.
Најниска температура од градовите вечерва до 19 часот е измерена во Крушево, и тоа 0 степени, додека во исто време највисока температура е измерена во Гевгелија, и тоа 8 степени.

Од ЈП „Македонија пат“ известуваат дека сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Сите патни правци во државата се проодни, без забрани и ограничувања.
Потсетуваме дека од 15 ноември 2024 година е во сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата.
Се препорачува внимателно управување со возилата, прилагодување на брзината и почитување на сообраќајната сигнализација, особено на делниците каде има ризик од одрони, како што се:
Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово, Кочани – Делчево, Катланово – Велес.
Возачите се советуваат да бидат особено внимателни на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите.