Денеска е одбележана 17-годишнината од хеликоптерската несреќа во која загинаа единаесет припадници на Армијата.
Почит на загинатите припадници на Армија им оддадоа делегации од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, предводена од министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, од Командата за операции, 1.пешадиска бригада, воздухопловниот ВИНГ, од општината Петровец и членовите на семејствата.
На овој ден во Катлановско Блаце пред 17 години во хеликоптерска несреќа трагично ги загубија своите животи единаесет припадници на македонската Армија враќајќи се од мировната мисија “АЛТЕА” во Босна и Херцеговина. Меѓу нив беше и капетанот Игор Ѓорески од Гевгелија.
Делегациите оддадоа почит на нашите загинати припадници на Армијата и на нивните семејства.
Да го зачуваме споменот и да не го заборавиме нивното херојско дело, за мирот и безбедноста:
Во спомен на Тони Спасовски, Горан Ристовски, Бране Спасовски, Игор Ѓорески, Славчо Василев, Тони Давитковски, Јанко Шириќ, Александар Тасковски, Мики Ивановски, Александар Васиќ, Златко Вељаноски.
Нека им е вечна слава!