Жителите на с.Давидово, гевгелиско се пример за заедништво и чувство на колективитет со одржувањето на традицијата на организирање традиционален заеднички дочек на Старата Нова Година и Василица во благословените простории на манастирот „Свети Илија“.
Иако сместено селото на надморска височина од 95 метри и со снежно опкружување во целата давидовска околија тие и годинава се собраа и организираа да подготват заедничка вечера за сите добредојдени жители од селото по повод Старата Нова Година и празникот Василица со традиционално кршење на лепче со паричка.
Оваа традиција постарите ја организирале со семејни собирања, но новите генерации тоа го направиле со сенародно собирање и послужување на празничен ручек, вечера и истото ревносно и со мерак самостојно го исполнуваат веќе 30 години по ред. Местото на оваа заедничко дружење и празнично служење се манастирските простории на „Св.Илија“, прекрасен манастир сместен на височинка во близина на селото Давидово.
– „Не знаеме како започнала оваа традиција, од постарите сме чуле дека се собрале 3 до 4 луѓе, отишле на манастирот и спонтано се договориле заеднички жителите да го прослават празникот и така започнала оваа традиција. Кршењето лепче е симболиката на заедничката вечера, да се подели среќа секому со парче од заедничката погача, а тој на кој што ќе му се падне паричката ќе биде кум за следната година. Оваа година среќникот ни’ е Стојанчо Андонов, жител на село Давидово“ – изјави за GevgelijaNet Катерина Костадинова.
– „Кумот организара вкусна храна за секој жител и гостин на нашето село таа ноќ. Но, голема улога има и целиот црковен одбор за топлиот престој на чело со Атанас Танчев, заради тоа што мора да постои некој што ќе не’ води. Како жители на село Давидово сите сме вклучени во обновубање и задржување на убавините што ги имаме во нашето село“ – додава во разговорот на оваа заедничка традиција на давидовчани, нашата втора соговорничка, Илинка Илиевска.
Во подготовките помагаат сите, во сецкањето на месото, зеленчукот, салатите, чистењето на манастирската трпеза, кујна, а главниот готвач ја регулира сета вкусотија која ќе ја пробаат сите.
– „Имаме готвачи кои доброволно се пријавуваат да зготват вкусна храна. Особено се истакнува улогата на баба Елица, која со својата готварска вештина е главната готвачка за оваа голема прилика. Покрај неа, тука е и нејзината ќерка Тодорка Спасова со својата фамилија кои активно се вклучуваат во подготовките и помагаат во организацијата, правејќи го празникот уште поубав и позначаен за сите. За храната и пијалокот што го имаме во неизмерни количини се погрижува црковниот одбор и жители што сакаат да ни’ помогнат доброволно“ – вели Катерина.
Но не само ноќта за Стара Нова година. Давидовчани се пофалија дека оваа навика на заедничко славење ја практикуваат и за големиот празник Илинден, по името на нивниот светец заштитник, именосецот на манастирот „Свети Илија“.
– „Нашето село блеска и за празникот Илинден. Тогаш манастирот „Св. Илија“ станува центар на собирање и духовна радост за сите жители на селото и посетители од други краишта. Во овој ден, манастирот се претвора во место на молитва, солидарност и заедничка работа, каде секој дава свој придонес во создавање на празничната атмосфера“ – додава Илинка.
Црковниот одбор ја презема организацијата на целиот настан, а заедно со жителите, кои се претвараат во доброволен работен персонал, се спроведуваат различни подготовки и активности.
– „Некои од нас се задолжени за подготовка и делба на храната, други за делба на освежителни пијалаци, некои помагаат во продажбата на свеќи, други околу продавање дар, икони. Кога работиме и помагаме на манастирот, времето како да не постои. Секој миг исполнет со труд и посветеност поминува без да го забележиме.Среќните лица на сите присутни, љубовта која ја делиме, и свесноста дека правиме нешто значајно за заедницата, ни’ го исполнуваат секој момент со непроценлива вредност. Точно во тие моменти, за нас не постои тежина, туку само светлина и радост што одекнува од сите страни“ велат нашите соговорнички од Давидово.
Уште еднаш ќе заклучиме дека давидовчани се најорганизираните жители и сограѓани кои ја прават најбројната празнична прослава во општина Гевгелија, доброволна и драга зошто секој вложил нешто со својот труд создавајќи колектино заедништво кое што зближува.
Браво за давидовчани!
СРЕЌНА Стара Нова Година!
СРЕЌНА Василица!