Традицијата на осветување на водите на Дојрансото езеро испочитувана и годинава со Свечена Божествена литургија одржана од парохиски свештеник од црквата „Св. Ѓорги Маченик“ во Нов Дојран.
Бројниот народ, дојранчани и гости, верници и верни на традицијата се собраа кај плажата Калдрма во Нов Дојран каде се одржа свечената церемонија на Водосвет. Потоа беше фрлен Чесниот крст во водите на Дојранското езеро. По него запливаа 10-на момчиња. Најбрз и најреќен од нив беше Мите Пејков од Нов Дојран, кој доби благослов од отецот да ги посети сите куќи во општината и да донесе благослов за здравје, среќа, мир и бериќет во сите домови.
На среќниот носител на крстот првите честитки за здравје и среќа му ги укажа градоначалникот Анго Ангов.
– „Упатувам искрени честитки до Мите Пејков како и до сите верници кои денес запливаа во осветената вода на Дојранското Езеро, пливајќи по светиот крст.
Ви посакувам здравјето, успехот, топлината и мирот во срцата да ви бидат постојани и верни придружници.
Драги дојранчани, ценети верници, посакувам празникот да го поминете во радост и хармонија, во добро здравје и спокој со најблиските“ – порача Ангов.
Свечено и многубројно посетено беше и на браната Паљурци кај Богданци, каде се одржа Свечена црковна церемонија на водосвет на водите на Паљурци.
Овде среќата и честа да го понесе Чесниот крст ја имаше Саше Михајловиќ кој живее во Скопје. Ова момче беше носител на крстот и во 2023 и во 2024 година, па годинава по трет пат му се посреќи едноподруго. Инаку, Саше четири пати го има понесено светиот крст од водите на Паљурци, посветено момче на традицијата и светиот ден Водици.
Во Валандово најсреќен беше 17 годишниот Петар Занов. Тој на ден Богојавление го извади светиот крст од осветените води во базенот над Валандово, во конкуренција на повеќе момчиња кои се фрлија по крстот.
Нека е честит големиот христијански празник Богојавление – Водици и нека донесе благосостојба, радост, мир и среќа во сечиј дом!