Во заедничка акција на Бирото за јавна безбедност при МВР и на Царинската управа, вчера (12.02.2025) на граничен премин „Богородица“ беа запленети 188,6 килограми марихуана и на тој начин е спречен меѓународен канал за шверц на дрога.
Две лица се лишени од слобода и против нив е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.
Сторителите на кривичното дело, двајца возачи, едниот од Тетово, а другиот од кумановско, на 8 февруари влегуваат на Блаце со камион и на 9 февруари со истиот камион, едниот од нив го презема камионот и од место меѓу Куманово и Крива Паланка оди кон Богородица. На граничниот премин е извршена детална контрола на камионот, при што помеѓу компресирана рециклирана хартија во четири бали е пронајдена дрогата. Проценетата вредност на дрогата, информира директорот на ЦУ Николовски, на црниот пазар изнесува 707 илјади евра.
Во врска со акцијата, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев и директорот на Царинската управа, Бобан Николовски на граничниот премин дадоа изјави за медиумите, при што истакнаа дека случајот е резултат на зајакнатата соработка и добро координирани акции на полициските и царинските службеници.
- „Царинската управа влезе во траг и спречи меѓународен канал за шверц на дрога. Во заедничка акција со Бирото за јавна безбедност на граничен премин Богородица се запленети 188 килограми и 636 грама наркотична дрога марихуана, која требало да заврши во Турција.
Случајот го следиме подолго време, што на крај успешно резултираше со откривање на криминалната мрежа, која требало да оперира низ неколку држави”, истакна Николовски.