Македонската туристичка понуда и оваа година има свое место на 46-тиот Меѓународен саем за туризам што се одржува во Белград од 20 до 23 февруари 2025 година..
Преку Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, македонските туристички потенцијали се промовираат на репрезентативен штанд, на кој учество земаа општините Гевгелија, Дојран, Охрид и Струга. Саемот нуди можност општинсите со своите понуди да се промовираат пред широкиот Југоисточен регион на Европа каде има над 10 милиони потенцијални туристи.

– „Во однос на транзитниот туризам со оглед на фактот дека Србите патуваат и во соседна Грција, македонскиот туристички сектор ја збогатува понудата за да останат ден повеќе во Македонија. Забележана е зголемена посета на винариите во винскиот регион, Дојран, Гевгелија и културните знаменитости по Е75“, посочуваат од АППТ.
Саемот за туризам во Белград годишно собира повеќе од 400 изложувачи од триесеттина држави, како и над осум илјади професионалци ангажирани во туристичката индустрија, а манифестацијата ја посетуваат над 50 илјади гости.

Орагaнизаторот на манифестацијата посочува дека годинава саемската публика ќе има можност на едно место да види се’ што нуди туристичкиот сектор, да најде идеални аранжмани и да ги искористи посебните саемски попусти. Посетителите ќе можат да изберат патувања што одговараат на нивните интереси – без разлика дали е тоа семеен одмор, далечни и егзотични дестинации, авантура и еко-туризам, патувања во градови, велнес и спа-викенди на планина, спа-одмори, конгресни настани или специјални понуди за млади патници.